„Додека го држев моето првородено дете, го губев второто“: Меган Маркл преку трогателен напис открила дека била бремена и го изгубила второто дете

467

Војвотката од Сасекс, Меган Маркл, открила дека имала спонтан абортус.

Маркл за тешкиот период за првпат проговорела во денешниот напис кој го напишала за „New York Times“.

„Да изгубите дете значи да носите неподнослива тага. Тага која ја искусиле многумина, а за која малку се зборува“, открила Меган во својата приказна.

Спонтаниот абортус го доживеала ова лето и тоа додека во рацете го држела првиот син Арчи.

„Почувствував остра болка. Паднав на подот со него во рацете, пеејќи приспивна песна која ќе нè смири и двајцата, весела мелодија која беше потполно спротивна од моето претчувство дека нешто не е во ред. Знаев дека додека го држев моето првородено дете, го губев второто“, опишала војвотката.

„Неколку часа подоцна, лежев во болнички кревет, држејќи ја раката на мојот сопруг. Почувствував дека неговата дланка е мокра и ги бакнав неговите прсти, мокри од нашите солзи. Зјапајќи во белите ѕидови, очите ми се вкочанија. Се обидов да замислам како ќе заздравиме“.

Маркл опишала и како се обидувала да изгледа смирено и стабилно во јавноста и се присетила на едно интервју со новинарот Том Бредби, кога за малку ќе заплачела пред камерите.

„Ви благодарам на прашањето. Не многу луѓе ме прашуваат дали сум добро“, му одговорила таа на прашањето дали се чувствува добро.

„Му одговорив искрено, не знаејќи дека мојот одговор ќе допре многу други, нови мајки и оние постарите и сите оние кои тивко страдале“, се присетила Меган.

„Не ми помогна тоа што искрено одговорив, туку самото прашање“, признала војвотката од Сасекс и им порачала на сите да не забораваат да ги прашаат луѓето околу себе дали се всушност добро.