Веста за појавата на новиот сој на коронавирусот наречен омикрон, ги збуни сите.
Меѓутоа, според информациите кои досега се познати за таа варијанта на коронавирусот, нема преголеми причини на грижа.
Уште многу од информациите не се знаат за омикрон и ќе бидат потребни неколку седмици за овој сој да стане помоќен, но според информациите познати во Јужна Африка, каде сојот се појавил, досега предизвикува само полесен до среден облик на болеста.
Претставничка од СЗО за „Ројтерс“ изјавила дека поголем дел од заболените засега немаат тешка клиничка слика, но тоа не значи дека истото во иднина не може да се случи.
„Кога станува збор за сериозноста, го видовме извештајот којшто покажува дека омикрон предизвикува благи до средни облици на болеста. Постојат некои индикации дека симптомите се благи кај многу од заболените пациенти, но сепак, сè уште сме во првите денови од појавата на овој сој.
Ја следиме ситуацијата, но вистина е дека зголемен е бројот на хопситализирани во Јужна Африка, но сепак, тоа може да биде и поради фактот дека е зголемен и бројот на заболените. Доколку имате повеќе заразени, поголем ќе биде и бројот на хоспитализирани“, изјавила д-р Марија Ван Керков од СЗО.
Докторка од Боцвана, една од првите земји во кои бил потврден омикрон сојот, вели дека 16 од 19 заразени немаат симптоми, а останатите тројца имаат „многу благи“ симптоми.
Симптоми
Веќе сите научивме дека симптомите кои ги предизвикува коронавирусот се: упорна кашлица, зголемена телесна температура, губење на сетилата за мирис и вкус.
Меѓутоа, според тоа што досега е познато, омикрон најверојатно предизвикува различни симптоми.
Д-р Анџелика Кеце, е докторката која прва ги пријавила „чудните“ симптоми кај заразените во Јужна Африка, по што бил откриен новиот сој, а сега таа навела три заеднички симптоми кај поголемиот дел од пациентите – умор, болки во мускулите и телото и главоболка.
Таа исто така истакнала дека за разлика од заразените со делтаа сојот, никој од заразените со омикрон не пријавил губење на сетилото за мирис и вкус.
Сепак, ќе мора да помине одредено време за да се дознаат повеќе работи за симптомите предизвикани од омикрон.
Кога станува збор за тоа зошто новиот сој предизвикува помали симптоми, експертите сметаат дека причината за тоа можеби е тоа што има голем дел вакцинирани луѓе, па вакцините го ослабнуваат вирусот.