До денеска напладне, вкупно 40 600 граѓани се пријавиле на веб-страницата за вакцинирање против ковид-19 (vakcinacija.mk). Преку матичните лекари, пак, пријавени се 12 652 лица, информирале од Министерството за здравство за државната агенција МИА.
Веб страницата беше пуштена во функција во среда и преку неа граѓаните искажуваат заинтересираност за вакцинација. Со пополнувањето на апликацијата се регистрираат во електронскиот систем „Мој термин“, а матичниот лекар ќе може да види дека негов пациент е заинтересиран за вакцинација.
Процесот на вакцинирање ќе се одвива во три фази по приоритетни групи. Согласно распоредот предвиден во планот, матичниот лекар ќе ги повика и информира граѓаните за точниот датум и часот кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата.
Со пополнувањето на регистрацијата, појаснија од Министерството за здравство, граѓаните искажуваат само интерес за вакцинација.
„Тоа не значи дека сте закажале и термин за вакцинирање. Датумот и часот за вакцинација го утврдува Националниот систем „Мој Термин“ согласно фазите кои ги содржи националниот план за ковид-вакцинација. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години“,
соопштија од Министерството по пуштањето во функција на веб-страницата.