Дуелот помеѓу Заев и Мицкоски ги сруши рекордите на гледаност на една политичка дебата во Македонија: “Ние сме Северна Македонија”

965

Синоќа се одржа дебатата помеѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и премиерот Зоран Заев, дуел кој народот со нетрпение го очекуваше. Имено, оваа дебата според медиумите ги сруши рекордите на гледаност на една политичка дебата во Република Македонија.

Во дебатата која се одржа во емисијата “Само вистина” на Канал 5 телевизија, Христијан Мицкоски објави скандал со фирмите на семејството на премиерот Заев. Имено, тој соопшти три фирми кои Заеви ги отвориле во Бугарија, „Гомасиндра“ во сопственост на Трајче Заев, братучедот на Зоран Заев, „Радиша трејд“ во сопственост на Радиша Бојовиќ Заев кој му е зет на Зоран Заев и фирмата „Ориент груп“ исто така во сопственост на Трајче Заев, сите отворени во соседна Бугарија, наместо во Македонија.

“Тие се во соседна Бугарија, тие не веруваат господине Заев во вашите економски политики, а вие очекувате да верува македонската јавност? Вашите најблиски не веруваат”, потенцираше Мицкоски.

Во дебатата се отворија и темите за македонскиот јазик, прашањето со името, реформите во македонското правосудство и македонската економија. Мицкоски потсети и за непотизмот кој се случува моментално, а на тоа Заев одговори дека за тие случување се грижи Антикорупциска и го прашал Мицкоски дали ќе даде отказ во факултетот каде што работи неговиот татко.

Во пресрет на претстојните избори, премиерот Заев изјави:

“Успех за мене се изборите да бидат кристално чисти, фер, регуларни. Одиме кон Европа, да се однесуваме европски. Победата на заедничкиот кандидат Стево Пендаровски е потврда за владините политики, потврда дека одиме заедно напред, сето друго е враќање кон темното минато, враќање кон поделбите и блокадите во државата”, порача Заев.

На крајот од дебатата, лидерот на опозициската партија му врачи значка на Заев со знамето на Република Македонија, која премиерот ја одбил.

“Ние сме Северна Македонија”, рекол Заев и му ја вратил значката на Мицкоски.

Сепак, на крајот и двајцата си подадоа рака и ветија дека ќе има нови дуели, ако не тие двајца тогаш идните лидери на двете главни партии.