Џафери ја прозва Арсовска за косење на тревата во владиниот двор

313

За обраснатата трева и запуштениот изглед на дворот на владата, техничкиот премиер Талат Џафери ја повика градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ кое е под капата на Град Скопје.

„Земјиштето околу Владата, според процедурите и прописите, е во сопственост и надлежност на Град Скопје и според работата и обврските „Паркови и зеленило“, како јавно претпријатие кое се грижи за изгледот на главниот град, е надлежно за таа работа“, изјави Џафери на денешната прес-конференција по повод 100 дена техничка влада.

Тој ја повика градоначалничката Данела Арсовска што поскоро да нареди косење на тревата во дворот на владата.

„Владата нема предвидено средства, ниту може да предвиди средства за работи кои што се надлежност на друга институција. Жалам што изгледа така, но на изборите, соодветен одговор доби градоначалничката на Град Скопје во однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат и оценуваат и си го дадоа својот одговор“, рече Џафери.

Дворот на Владата и нејзиното поблиско опкружување подолг период е обраснат со трева.