Во новото магазинско издание на емисијата „360 степени“, која се емитуваше вечерва со почеток од 22 часот на ТВ „Алсат“ беше откриен нов коруптивен скандал што допира до поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски.
Како што пренесува „360 степени“, возилото што го користел Рашковски е во сопственост на фирма на еден од хонорарците чиишто имиња Владата ги криеше, а добиваа хонорари во висина од 20 до 50 илјади денари, потпишани директно од поранешниот генсек на Владата, Рашковски.
Според бројот на регистарските таблички, џипот е во сопственост на фирмата „Г.Б.Ц Системи“, регистрирана за трговија на мало со аудио и видео опрема. Нејзин единствен газда, според Централниот регистар, е Игор Христов, кого Рашковски го ангажирал како хонорарец за одржување информатички системи во Генералниот секретаријат на Владата. Тој е и меѓу осомничените за набавката на софтверот.
Еден месец и една недела откако беше објавено дека Драги Рашковски купил софтвер од 81.000 евра за автоматско казнување сообраќајни прекршоци, кој полицијата не го побарала и не го користи, екс генералниот секретар на Владата заврши во куќен притвор.