Џорџ Сорос е прогласен за личност на годината, а во некои држави е означен како најголем непријател

931

Британски “Financial Times” го прогласи американскиот инвеститор и филантроп, Џорџ Сорос за личност на годината, поради неговата улога на „стандарден носител на либералната демократија и отвореното општество“.

„Тоа се идеите кои што триумфираа во Студената војна. Денес, тие идеи се под опсада од сите страни, од Русија преку Владимир Путин, до САД преку Доналд Трамп“, пренесува “Financial Times” во образложението на признанието.

Одлуката за „Личност на годината“ обично се носи врз основа на достигнувањата. Во случајот на господинот Сорос оваа година, одлуката за неговиот избор е донесена и врз основа на вредностите кои што тој ги претставува, се додава во образложението.

Сорос доби пофалби поради користењето на филантропијата во борбата против авторитарноста, расизмот и нетолеранцијата.

„Преку својата долга посветеност кон отвореноста, медиумската слобода и човековите права, тој го привлече гневот на авторитарните режими, а посебно кај народните популисти кои што продолжуваат да се зајакнуваат, посебно во Европа“, пренесува “Financial Times”.

88-годишниот Џорџ Сорос, инаку Унгарец со еврејско потекло, е еден од главните државни непријатели на унгарскиот премиер Виктор Орбан.