ЕЦБ: КОРОНАВИРУСОТ НЕ СЕ ПРЕНЕСУВА ПРЕКУ ЕВРАТА

560

Не постои значителен ризик да се заразите со новиот коронавирус користејќи хартиени и метални банкноти од европската валута, соопшти Европската централна банка (ЕЦБ).

Ова беше утврдено со лабораториско тестирање, кое покажа дека вирусот преживеал многу подолго на други површини, пренесе француски „Локал“.

Парите сè уште се користат во 19 земји од еврозоната, меѓутоа, бројни продавници бараат од клиентите да преминат на безконтактно плаќање, за да избегнат ракување со банкноти и можен контакт со заразено лице.

Членот на извршниот одбор на ЕЦБ, Фабио Панета изјави дека тестирањето во лабораторијата покажало дека стапката на преживување на вирусот е 10 до 100 пати поголема на челичните површини, како што се рачките на вратите, отколку на банкнотите.

„Другите анализи покажаа дека вирусот е многу потежок за пренесување преку порозни површини како што се памук или хартија отколку од мазни површини како што е пластика“, рече Панета, додавајќи дека банкнотите на еврото биле отпечатени на хартија од памучно влакно, што ги прави отпорни на абење.

Панета заклучи дека банкнотите не претставуваат ризик од инфекција во споредба со другите типови површини со кои луѓето секојдневно доаѓаат во контакт.

Повеќе од 340 милиони Европејци го користат еврото и готовината е доминантен начин на плаќање и е особено популарна во Германија, Франција и Шпанија, соопшти ЕЦБ.