Една кафетерија во популарниот австриски скијачки центар е под истрага поради сомнение дека сопственикот и персоналот заташкале случај на коронавирус.
Станува збор за кафетерија која се наоѓа во резортот Ишгл во покраината Тирол во која работел келнер кој веројатно бил заразен со коронавирусот. Токму овој резорт се смета за една од почетните точки од кои Ковид-19 започна да се проширува кон Европа, затоа што се верува дека е поврзан со стотина случаи на зарази во Австрија, Германија и Скандинавија.
Имено, и покрај тоа што вработениот имал симптоми на коронавирус, кафетеријата не го пријавила тоа, туку продолжила да работи во следните неколку седмици, пренесува британски „БиБиСи“.
Набрзо потоа, вирусот се прошири во Австија и споменатите земји, а ситуацијата во Австрија воопшто не е охрабрувачка, затоа што во понеделникот беше соопштено дека во земјата има 3611 заразени со дневен пораст од 19%.
Резортот се наоѓа во мал австриски град со 1,500 жители, а познат е по ноќниот живот и журките во ноќта. Иако не е официјално потврдено дали работникот навистина имал коронавирус, извештаите покажуваат дека посетителите кои биле од Австрија, Германија, Данска, Норвешка и Исланд започнале да се чувствуваат лошо откако биле во кафетеријата, а кај многумина бил потврден коронавирусот.
Градоначалникот на Ишгл, Вајнер Курц изјави дека затворањето на резортот за градот е економска катастрофа, но и дека сите мерки биле преземени на време.