Ефикасноста на вакцините Фајзер и Модерна опаднала од 91 на 66 отсто откако делта сојот стана доминантен во САД, покажуваат податоците објавени од страна на американските здравствени власти.
Податоците произлегуваат од студии спроведени врз илјада вработени во центри за нега и болници во 6 американски држави кои ја испитувале делотворноста на вакцината во реални услови.
Учесниците биле тестирани секоја недела за да се утврди дали има симптоматски или асимптоматски знаци на болеста. Речиси сите вработени примиле вакцина на Фајзер или Модерна.
Помеѓу декември 2020 и април 2021 година, ефикасноста на вакцината во спречувањето на инфекцијата изнесуваше 91 отсто, според податоците кој ги објави Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), главната сојузна агенција за јавно здравје.
Но, во неделите кога делта сојот станал доминантен, кога повеќе од 50 отсто од случаите биле заразени со овој сој на вирусот според анализите, ефикасноста на вакцината паднала на 66 отсто. Авторите на студијата предупредуваат дека е можно тој пад на ефикасноста да не е само предизвикан од делта сојот, туку и од фактот што ефикасноста на вакцината се намалува со текот на времето.
Како што се наведува, иако податоците укажуваат на умерено намалување на ефикасноста на вакцините против Ковид-19 за спречување на инфекцијата, останува дека вакцината делува на две третини од случаите што пак укажува дека вакцинацијата помага на подолг рок.
Во податоците не се прави разлика во ефикасноста помеѓу вакцините на Модерна и Фајзер. Падот на ефикасноста на вакцините против делта сојот е укажан во повеќе студии, иако точните податоци се разликуваат.
Тоа е една од причините поради кои здравствените власти најавија дека од почетокот на септември ќе започне вакцинација со трета доза за сите возрасни Американци кои добиле втора доза пред 8 месеци. Заштитата на вакцината од тешки облици на болеста, хоспитализација и смрт останува висока, наведуваат властите.
Делта сојот на вирусот стана доминантен во САД кон почетокот на јули и сега е одговорен за 98 отсто од инфекциите.