Додека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со сите сили се обидува да го сврти муслиманскиот свет против Макрон и Франција, Египет потврди дека набавува 30 француски борбени авиони.
Египетските власти потпишаа договор со Франција за купување на 30 воени авиони „Рафале“ за цена од 3,95 милијарди евра и покрај загриженоста на меѓународните организации кои предупредуваат на лошата состојба со човековите права во оваа земја во која владее Абдел Фатах Ал-Сиси.
Француските медиуми откриваат дека договорот бил потпишан кон крајот на минатиот месец, а истиот ќе биде склучен денеска откако во Париз веќе пристигна делегацијата од Каиро.
Во договорот е договорена продажба на 30 борбени авиони за 3,75 милијарди евра, како и уште два договори со францускиот производител на оружје MBDA и компанијата Safran Electronics & Defense кои вредат уште 200 милиони евра.
Иако јавниот долг на Египет надмина 90% од БДП-то, Каиро новите француски авиони ќе ги купи на кредит, а тоа што е посебно интересно е што за кредитот, кој ќе го овозможат француските банки Credit Agricole и Societe Generale, BNP и CIC – гарантира самата држава Франција и тоа до износ од 85% од кредитот.
Меѓународните организации за заштита на човековите права остро ја осудија оваа продажба на оружје и го обвинија францускиот претседател дека ги затвора очите пред бројните кршења на човековите права за кои, како што тврдат, е одговорна владата на Ал Сиси.