Екран кој сам се поправа – новиот телефон на „Apple“ носи револуција во технологијата

500

Компанијата „Apple“ поднела патент за телефон со екран на преклоп кој подразбира единствено решение за екран кој има „способност сам да се поправа“.

Патентот инаку бил поднесен уште во јануари, но минатата недела го откри и објави блогот наречен „Patently Apple“. Како што се наведува во патентната пријава, предложениот концепт на екран би овозможил уредот да врши мали поправки на заштитниот слој на екранот без потреба од било каква интервенција од страна на корисникот.

Тоа, барем во теорија, би значело дека екранот сам и автоматски би активирал „самопоправка“ кога, на пример, уредот се полни и тоа според однапред зададен план. За ваквата постапка, телефонот ќе користи топлина, светло или електрична енергија со помош на кои ќе ги поправа оштетувањата на заштитниот слој кој ја прекрива површината на екранот.

Тој посебен слој би требало да биде направен од посебен полимер, односно еластомер, кој има својство (под одредени услови) да го поврати својот оригинален облик.

Инаку, концептот на екран кој сам се поправа не е баш сосема нов – компанијата „LG“ уште во 2013 година го претстави моделот „G Flex“ чие задно стакло би можело да поправа помали оштетувања.