Во пресрет на инаугурацијата на Џо Бајден, на алтернативни социјални мрежи и форуми, се погласно се зборува за нов обид за попречување на процесот на транзиција на власта
Безредијата пред Капитол хил и упадот во самиот Конгрес охрабри дел од екстремистичките организации и поддржувачи на Доналд Трамп, кои најавуваат нов обид за „окупирање“ на Капитол.
„Многумина од нас ќе се вратат на 19 јануари 2021 година, носејќи оружје, како поддршка на решеноста на нашата нација.“
„Втор круг на 20 јануари. Овој пат нема милост. Не ми е грижа ниту за одржување на Трамп на власт. Се грижам за војната.“
Ова се дел од пораките кои меѓусебе ги испраќаат екстремистите.
Овие групи, како што анализираат дел од американските медиуми, меѓусебе комуницираат преку мрежите „Парлер“ или „Телеграм“ кои се многу популарни кај дел од екстремистите и поддржувачите на теории на заговор. Бидејќи комуникацијата преку овие алатки поттикнува насилство Гугл од денеска го забрани „Парлер“ на својот „Гугл плеј“ сервис. „Парлер“ себеси се опишува како непристрасен социјален медиум и е популарен меѓу оние кои веќе добиле забрана од Твитер.

Друг начин на кој се прават обиди за нов собир пред Капитол Хил е преку платформата TheDonald.win која веќе беше искористена и за нападот на 6 јануари. Станува збор за форум за, како што се вели, „вистинските поддржувачи на претседателот Доналд Трамп“.

„Постои голема загриженост дека насилни екстремисти, охрабрени од упадот во Конгресот, можат пак да се обидат. Затоа, часовникот отчукува, треба најопасните да се спречат, за да не се повтори насилство“,
вели за НБЦ, Френк Фиглиуци, поранешен помошник-директор на ФБИ
Надлежните служби во Вашингтон ДЦ, одговорни за одобрување протести на територијата на градот, информираат дека добиле дури 7 барања за собири на истиот ден кога е и инаугурацијата на Џо Бајден. Проценките се дека барем еден од овие собири е на поддржувачите на Трамп.