„Ел Паис“ откри како Леонардо го убедувал Меси да дојде во ПСЖ

559

Засилување од типот на Лионел Меси е голема сатисфакција за фановите, но и за одговорните во спортскиот сектор во клубот, а директорот Леонардо му овозможи на Маурисио Покетино да има вистински „дрим-тим“ во новата сезона.

ПСЖ не ја испушти шансата да го доведе разочараниот Аргентинец во своите редови, овозможувајќи му да настапува во конкурентен тим во Лигата на шампионите, но и во клуб кој ќе му испорача посакувани финансиски услови.

Во периодот од ден-два додека Меси ја носеше конечната одлука, најголем дел од неговите пријатели кои се членови на ПСЖ веќе лобирале да се пресели во Париз, а досегашниот капитен на Барса добил повик и од Леонардо.

Спортскиот директор на интересен начин се обидел да го доубеди Меси да дојде во француската престолнина, тврди „Ел Паис“.

– Ова е град на сирење, храна и култура. Во однос на спортот доминира рагбито, дури потоа доаѓа фудбалот.

– Ако загубиш три натпревари никој нема да те застане на улица и да те навредува, ти и твоето семејство ќе се адаптирате без проблем, – му порачал Леонардо на Меси.

Аргентинецот добил и уште една важна информација, а тоа е дека клубот има приватно обезбедување во куќите на сите фудбалери додека овие играат натпревари, со што решиле да спречат евентуален грабеж како што се случуваше во минатото.