Електричните тротинети и електро мобилноста се нешто ново, нешто што е во тренд, нешто популарно и актуелно. Нивното присуство во сообраќајот носи многу придобивки, отвора многу алтернативи за надминување на проблемот со сообраќајниот метеж, гужвата и бучавата во сообраќајот, континуираниот недостаток на паркинг места, загаденоста, итн. но носи и закани за безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Електричните тротинети секојдневно стануваат составен и нераскинлив дел од патниот сообраќај во Скопје и во другите градови.
Тоа што се лесни, мали и брзи овозможува поедноставно пробивање низ секојдневниот градски метеж. Токму поради оваа предност, сѐ поголем број главно млади ги користат низ градов. За нив не важат никакви правила, па тие возат и по тротоари, по велосипедски патеки, по јавни шеталишта, па дури и по коловозни ленти. На некој начин стануваат учесници во сообраќајот, кои можат да предизвикаат и одредени опасности, кои не се за запоставување.
Во изминативе неколку години се зачести употребата на електричните тротинети. Градот Скопје промовира субвенционирање за електрични тротинети можеби и затоа почесто можат да се забележат по скопските улици.