Треневски му беше тренер на Елмас во Работнички, во сезоната 2016/17 после која во летото 2017 година замина во турски Фенербахче уште како малолетен, а после две години за 16 милиони евра плус бонуси направи трансфер во италијанскиот калчолигаш Наполи, каде во последните два меча даде два гола, од кој еден вистинска мајсторија, откако со соло-акција трчајќи 40 метри, даде гол „а ла Меси“.
„Кога го видов Елмас, прво што помислив е дека ќе биде еден од најдобрите фудбалери на Македонија во историјата, заедно со Дарко Панчев и Горан Пандев. И тоа сум го кажал пред пет години, а еве го повторувам сега и можам слободно да кажам дека поради Елиф јас прифатив да бидам тренер на Работнички. Елиф е фудбалер, кој ме потсеќа на неколкумина, а би рекол дека е микс од Савичевиќ, Хамшик и Сон“, вели Треневски.
Легендарниот плејмејкер кој во кариерата играше за белградски Партизан, мексиканска Пуебла, словенечки Мура, Копер, Олимпија, Драва, Нафта, како и за Силекс и Пелистер, на Италијанците им откри каков карактер е Елмас.
„Не знам како се однесува во Наполи, ама знам што правеше во Работнички – секогаш го даваше најдоброто од себе на секој тренинг. Ако му кажам пет вежби, тој ќе ги направи сите во еден ден. Тој е момче кој има таков карактер, одлучен е да успее. На него само треба да му се верува. Треба само да ја има довербата од тренерот и од соиграчите. Има извонредна техника, треба да поработи на шутевите и на некои ситници во завршница, но многу зависи каде игра, а може да игра на сите позиции во средина, но мислам дека е најдобар кога е близу до голот“, додава Треневски.