За тоа дека новинарската работа е многу тешка и стресна, а посебно кога се работи за вонредни случувања, зборува и случајот на младата грчка новинарка Евлампија Реви, која работи за телевизијата „Open TV“ и известувала за погодените области од пожарите и во програма во живо додека разговарала со еден локален жител доживеала емотивен слом.
Имено, Евлампија во понеделникот го посетила малото место Галатосон на грчкиот остров Евија. Додека се приближувала кон една од куќите, ѝ пришол постар жител од ова мало место и почнал да разговара со неа.
Објаснил дека со денови не спие, бидејќи се обидува да ја заштити својата куќа од пожарите.
Новинарката повеќепати го замолила човекот да си оди, бидејќи не можел да дише од чадот.
Тој тогаш ја прашал каде да оди и рекол дека тој не се плаши од пожарот ако дојде. Објаснил дека повеќе се плаши за својот дом поради кој останал да го брани ако пожарот стигне дотаму.
Новинарката инсистирала на тоа да му каже да го напушти домот од безбедносни причини и да оди на безбедно. Евлампија му предложила да го пренесат, ако нема можност сам да појде.
Во еден момент таа го симнала ранецот и се обидела да побара маска, но немала. Тогаш старецот почнал да плаче, а заедно со него и таа во програма во живо.
Разговорот буквално течел вака:
„Морате да одите, стигна наредба за евакуација“, рекла новинарката.
„Утре си заминувам, одам во Атина“, рекол тој.
„Сега мора да одите“, додава таа.
„Како, каде да одам“, вели старецот.
„Дојдете, ќе ве пренесеме ние“, додала новинарката.
Овој момент го погледнале голем број граѓани во Грција, после што следела лавина со коментари за поддршка на младата новинарка.
Евлампија утрово во ново вклучување дала до знаење дека грчката полиција сепак го евакуирала постариот маж и тој е безбеден и згрижен.
Новинарката исто така се заблагодарила за сите пораки за поддршка кои ги примила. Таа додала дека единствено важно е дека старецот од снимката ја има целата грижа и љубов како од државата, така и од членовите од неговото семејство. Додала и дека подоцна дознала дека членовите на неговото семејство го оставиле и побегнале.
„Што се однесува до мене, јас само ја работев својата работа, како и многу други колеги. Само понекогаш и ние знаеме да се ‘скршиме’, бидејќи и новинарите се луѓе. Ви благодарам“, напишала Евлампија Реви на својот Фејсбук профил.