Слониците Дуња и Даела се новите жители во зоолошката градина во Скопје. По 26 години љубителите на животни повторно може да уживаат во друштво на слониците, кои се сместени во ново живеалиште со отворен и затворен дел, изградено по најсовремени стандарди.
“Дуња и Даела се слончиња кои целиот свој живот го поминале во циркус. Тие биле дел од циркусот “Максимум”, каде што биле донесени уште од бебиња. Таму знаете каков е циркускиот живот. Слоновите сепак, не се среќни таму. Но, еве, конечно може да кажеме дека ќе здивнат и дека овде, во Скопје, ќе имаат еден мирен пензионерски живот”, изјави Тина Мицковска, портпаролка на Зоолошката градина Скопје.
Погледнете го нивотот животен пат, пред да станат жителки на Скопје ЗОО:
Едната слоница е африканска, другата азиска и двете се стари по 30 години.
Прва слоница жителка на Скопје Зоо, била слоницата Цица која во Скопје живеела од 1963- 1970 год. Втората слоница која живеела во скопската Зоолошка е Анка, која починала во длабока старост во 1992 година.
Живеалиштето на слоновите чини 400.000 евра, а парите се донација од Владата и Град Скопје. Први соседи на Дуња и Даела ќе бидат шимпанзото Коко и неговите тројца пријатели кои ќе пристигнат од Холандија. И нивното живеалиште е веќе готово и чини 250.000 евра. Од другата страна е сместено живеалиштето на тигрите.
-Секое животно си има свој координатор за одреден вид на животно. На пример, има координатор за жирафи и тој знае во овој момент секоја зоолошка градина во Европа каде и колку има жирафи колку женски колку млади, кога треба да се роди младо и се прави план, вели Милошевски.
Од ЗОО Скопје најавуваат дека се во план да донесат уште животни од други зоолошки. Се планира да се донесе видра, мажјак на јагуарот, нови видови на мајмуни, морски лав женка. Од нашата зоолошка пак најчесто се бараат белоглавите мршојади кои ги имаме подарено на зоолошките во Загреб и Љубљана.