Епл е најбогата компанија во светот со вредност од две илјади милијарди долари!

596

Технолошкиот гигант Епл стана првата компанија од Соединетите држави која се котира на берзата Вол Стрит со вредност од две илјади милијарди долари.

Ројтерс пренесува дека инвеститорите на Њујоршката берза решиле да го игнорираат проблемот на компанијата со која управува Тим Кук, поврзан со екосистемот на iPhone, а се во функција на очекувањата дека Епл ќе биде уште подобар после кризата.

Овој гигант успеа да ја дуплира својата пазарна вредност за нешто повеќе од две години, а како што јави CNBC, Епл го собори тој магичен лимит од 2 илјади милијарди американски долари кога нејзините акции скокнаа на 467,77 долари.

Предходната рекордна пазарна капитализација од 1.000 милијарди американски долари Епл ја достигна на 2 август 2018 година, но експертите и брокерите на Вол Стрит очекуваат дека вредноста на технолошките компании ќе расте, бидејќи тие најдобро се справуваат со кризата со корона.

На 31 јули годинава Епл од првото место на најбогати компании го симна саудискиот државен нафтен гигант „Арамка“, и стана највредната компанија во светот со чии акции се тргуваат јавно. Од почетокот на годината до денес, нејзините акции пораснаа за околу 60 отсто.

Во време кога многу бизниси се борат да преживеат, на крајот на јули, Епл ги објави најсилните деловни резултати за третиот квартал било кога во историјата, вклучувајќи 59,7 милијарди долари приходи и двоцифрен раст на продажбата на производи и услуги.