Кандидатот на најголемата турска опозициска партија, Екрем Имамоглу е прогласен за победник на локалните избори во Истанбул после најновото пребројување на гласовите.
Екрем Имамоглу прогласи победа и покрај жалбите на Партијата за правда и развој „АКП“ на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, која побара ново пребројување на гласовите во најголемиот турски град.
Резултатите од локалните избори кои беа одржани на 31-ви март му донесоа тесна победа на Екрен Имамоглу, кандидат на опозициската Републиканска народна партија. Станува збор за голема победа на турската опозиција со што беше ставен крај на контролата на „АКП“ на најголемиот економски центар во Турција која траеше дури 25 години.
Сепак, од партијата на Ердоган и натаму не можат да се помират со поразот, па ги оспоруваат резултатите, тврдејќи дека имало бројни изборни нерегуларности. Сепак, после новото пребројување на гласовите во гласачките места во неколку делови од Истанбул стана јасно дека Имамоглу е новиот градоначалник на најголемиот турски град.
Според турските медиуми, после најновото пребројување, Имамоглу ја задржал предноста во однос на кандидатот на „АКП“ за повеќе од 15 илјади гласови.