Ештон Качер сведочел за убиството на својата девојка: Мислел дека се дамки од вино

921

Познатиот холивудски актер Ештон Качер пред судот во Лос Анџелес сведочел за убиството на неговата некогашна девојка Ешли Елерин. Качер се појавил на судењето за да сведочи против серискиот убиец, обвинет за убиство на три жени вклучувајќи ја и 22-годишната Ешли Елерин, тогашната девојка на познатиот актер.

Ешли била брутално убиена во нејзиниот дом во февруари 2001-та година, а за убиството е обвинет Мајкл Томас Гарџиуло.

Обвинетиот пред судот се изјаснил дека не е виновен за убиствата кои му се припишуваат, а кои се направени помеѓу 2001-та и 2008-та година.

Актерот Ештон Качер сведочел за своето познанство со Ешли Елерин пред таа да биде убиена. Тој изјавил дека Ешли ја запознал два месеци пред нејзиното убиство и дека бил гостин на нејзината куќна забава две недели пред злосторството кога му кажала дека нема момче.

Качер објаснил дека планирал да излезе со Ешли на вечера, а денот кога требало да се видат тој ѝ се јавил на Ешли за да ѝ каже дека ќе доцни затоа што морал да присуствува на забавата по повод доделувањето на Греми наградите, на што девојката му одговорила дека нема никаков проблем.

Кога подоцна повторно ѝ заѕвонел, таа не се јавувала на телефон.

Потоа Качер се упатил кон нејзината куќа и упорно тропал на вратата, но таа не ја отворала.

Актерот потоа погледнал низ прозорецот и го видел хаосот во куќата. Забележал црвени дамки на подот, но помислил дека се од вино. Бидејќи Ешли не му ја отворала вратата, Качер си заминал.

Телото на оваа несреќна девојка следното утро го нашол нејзиниот цимер.

Инаку, Ешли Елерин е пронајдена брутално искасапена. Обвинетиот Гарџиуло кој живеел во нејзиното соседство ја избодел 47 пати.