Ескалација на трговската војна: Кинезите со жесток удар за Американците, бизнисот го селат во Русија!

722

Кинеските мали и средни претпријатија под притисок на трговската војна со САД, ја разгледуваат можноста за преселување на производството во Русија.

Ова го потврди генералниот секретар на Кинеската асоцијација за развој на претпријатијата во странство, Хе Женвеј.

Кинеските експерти откриваат дека трговијата помеѓу САД и Кина во најголема мера се одвива во малиот и среден бизнис, додека пак билатералната трговија меѓу Кина и Русија најчесто се потпира на големите државни претпријатија.

„Меѓутоа, сега многу извозни мали и средни претпријатија се соочуваат со потешкотии. САД веќе ги подигнаа царините од 10% на 25%, што е еквивалентно на затворање на вратите. Ако американските потрошувачи се согласат од своите паричници да плаќаат повеќе, тие компании ќе ги зголемат цените на своите производи за 25%, што е малку веројатно“, изјави Женвеј.

Според неговите зборови, во едни такви услови, компаниите треба да се одржат на површината.

„Тие треба да размислат да тргнат кон Русија. Ние можеме да го префрлиме производството во Русија, од каде што повторно ќе можеме да ја продаваме стоката во Европа и САД“, заклучи Женвеј.

Последниот круг на американско-кинеските трговски преговори заврши кон средината на мај без резултати, поради уште едно зголемување на царините од страна на САД. Властите од Вашингтон ги зголемија царините од 10% на 25% на кинескиот увоз во вредност од околу 200 милијарди евра.

Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така нареди и започнување на процес за зголемување на царините на преостанатиот увоз од Кина кој се проценува на околу 300 милијарди долари. Како одговор на тоа, Пекинг на 1-ви јуни ги зголеми царините на увоз на стока од САД во износ од 60 милијарди долари.