Европската унија и Обединетите нации го поздравија враќањето на Соединетите Американски Држави во Парискиот договор за климатски промени, што беше една од првите одлуки на новиот американски претседател Џо Бајден после свечената инаугурација.
„Европската унија ја поздрави одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да ги врати САД во Парискиот договор за климатски промени“, изјави извршниот потпретседател на ЕУ, Франс Тимерманс.
Оваа одлука на Џо Бајден исто така ја поздрави и првиот човек на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
„После минатогодишниот самит за климата, земјите кои произведуваат половина од глобалното загадување со јаглеород диоксид, се обврзаа на намалување на испуштањето на штетните гасови. Денешната одлука на претседателот Бајден го подига тој удел на две третини“, изјави Гутереш.

Бајден уште во текот на вчерашниот ден, веднаш по инаугурацијата започна да потпишува извршни одлуки со кои се укинаа некои од клучните политики на претходната администрација на Доналд Трамп, меѓу кои и одлуката за враќање на САД во Парискиот договор за климатски промени.
Соединетите Американски Држави во ноември минатата година и официјално се повлекоа од глобалниот договор за климата како прва земја во светот, а тоа се случи една година подоцна откако Трамп ги извести Обединетите нации за таквата одлука.
Францускиот претседател Емануел Макрон исто така го поздрави потегот на Бајден и на социјалната мрежа „Твитер“ напиша: „Добредојдовте назад во Парискиот договор“.