Концептот на пленк е многу едноставен: задржете го телото во положба за склекови одреден период за да ги зајакнете стомачните мускули, задникот и тетивите.
Иако веројатно знаете како да го изведете, можеби не сте сигурни колку долго треба да останете во таа позиција за да остварите максимален резултат.
Одговорот не е едноставен – тренерот Алберт Матени вели дека пленкот можете да го правите секој ден, но неговата должина може да варира од десет секунди до една минута.
“Кога правите пленк, најважно е да го задржите телото во исправена положба. Задржете се во положбата додека можете”, вели Матени.
Општата насока, според препораката на тренерот Даг Склар е да направите три сетови во траење до 60 секунди.
“Можете да започнете со пократки сетови и со текот на времето да го задржувате пленкот до 60 секунди. Ако се задржите во пленк позиција десет секунди, а потоа направите одмор од пет до десет секунди низ три до шест сетови, ги вклучувате сите мускули исто како да се задржите во положбата од 30 до 60 секунди”, вели Склар за “Men’s Health”.
“Пленкот кој трае подолго од една минута е предизвик. Но, доколку тоа време ви е прекратко, направете ја оваа вежба потешка со тоа што повеќе ќе ги стегнете стомачните мускули и задникот”, советува тренерот и предупредува да не се присилувате на долготрајно задржување на пленкот бидејќи со тоа може да го оптоварите долниот дел од грбот и да се изложите на ризик од повреди.
“Со правилното изведување на оваа вежба можете да го зајакнете целото тело. Сè додека можете да задржите до 60 секунди, би требало да видите одлични резултати”, заклучува Склар.