На местото на некогашното рекреативно езеро на периферијата на Скопје денеска можеа да се видат само рушевини и кози кои шетаа по остатоците од некогашната гордост на скопјани. Еве што забележа нашиот објектив.
Тешка механизација и група кози во потрага по храна во студените зимски месеци денеска беа главна сензација на просторот каде некогаш се наоѓаа објектите во рамките на Рекреативниот центар Треска.
Општина Сарај, под чија надлежност е езерото Треска, денеска започна со уривање и расчистување на сите објекти кои некогаш го красеа излетничкото место.
Нема веќе приколки, бунгалови, кафулиња, ресторани, тоалети, а од езерото зјае само бетонска дупка која, веројатно, наскоро исто така ќе ја нема.
Рекреативниот центар беше изграден во 1978 година со самопридонес, а своите златни години ги имаше во текот на 1980-те и 1990-те, кога илјадници граѓани, особено во летните месеци го користеа за бегство од градските метежи и летните жештини.
Езерото беше затворено во 1998 година и оттогаш пропаѓа. Бројните најави и обиди да се приватизира и повторно да се отвори Центарот- никогаш не вродија со плод.
Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети пред еден месец за сакамдакажам.мк изјави дека планира на местото на некогашниот излетнички центар да изгради хотелски комплекси и викенд населба.