Водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи ги повика денес милионите Американци кои се целосно вакцинирани против ковид да примат и трета доза, за да ја зачуваат оптималната заштита од коронавирусот.
Според податоците на владиниот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), од 196 милиони целосно вакцинирани лица во САД до денес 34,5 милиони примиле трета доза, но проблемот и понатаму останува со околу 60 милиони невакцинирани луѓе.
Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и заразни болести и главен медицински советник на претседателот Џо Бајден, изјави за време на гостувањето на телевизијата Еј-би-си дека „нема нејаснотии“ кога станува збор за потребата да се прими бустер доза поради намалувањето на ефикасноста на првите дози, кое се случува со време.
Тој истакна дека третата доза им дава на луѓето „подолг рок на заштита“, иако не е јасно дали оние кои ќе се вакцинираат можеби ќе мора во иднина да продолжат да добиваат бустер дози секои шест месеци или година дена.
„Ќе анализираме што тоа значи кога ќе се добие бустер, ќе ја следиме науката, податоците“, кажа Фаучи.
Советодавниот одбор на ЦДЦ во петокот едногласно препорача бустер доза од вакцините против ковид-19 за сите постари од 19 години.
Бројот на случаи на зараза во САД повторно расте и над 90.000 се забележани секој од последните неколку дена, а Фаучи вели дека тоа било неочекувано бидејќи станува сè поладно и луѓето се повеќе во своите домови во затворен простор.
Тој, меѓутоа, кажа дека целосно вакцинираните семејства и пријатели можат безбедно да се собираат за претстојниот Ден на благодарноста, без маски на лицата.