Федерер низ солзи говореше за човекот кој е одговорен за неговата успешна кариера

897

Шајцарскиот тенисер Роџер Федерер се расплака во емотивно интервју кое го даде за американската телевизиска куќа CNN. Тој зборуваше за почетокот на новата сезона и првиот Гренд Слем Австралија Опен, но попатно зборуваше и за теми од животот.

“Тоа е убава приказна. Дојде да игра клупски тенис во Базел кога бев мал, а тој тогаш беше ѕвезда. Ми даде некои совети. Питер Картер е многу важна личност во мојот живот, него му сум благодарен за својата тениска техника”, рекол Федерер за својот прв тренер Питер.

Питер Картер загина во сообраќајна несреќа во 2002 година, кога бил на меден месец во Јужна Африка, една година пред Роџер да го освои првиот Гренд слем.

На прашањето што би рекол Картер доколку го види Роџер, 16 години подоцна со 20 Гренд слема, Швајцарецот не се воздржа па заплака.

“Се надевам дека би бил горд. Тој сакаше да го искористам мојот талент. Сметам дека тоа беше “будење”, кога тој почина тогаш започнав да тренирам многу напорно”, рекол низ солзи Федерер.

“Имав многу среќа во својот живот да имам вистински луѓе во вистински моменти, како и вистински тренери. Можете да кажете дека јас ги донесувам тие одлуки, но сметам дека имав многу среќа”.

Швајцарскиот тенисер зборуваше и за Австралија Опен, турнирот каде титулата ја брани две години по ред.

“Добро се чувствувам и добро тренирам. Имав одлична сезона и среќен сум што сè уште играм. Последните два турнири ги освоив така што имав самодоверба. Сакам да играм во Австралија”, заклучи Федерер.