Луис Назарио Де Лима Роналдо секогаш ќе се памети како еден од најдобрите играчи во историјата на фудбалот, а според многумина, тој несомнено беше убедливо најталентираниот напаѓач кој некогаш се појавил на фудбалската сцена.
Поради својата вонсериска брзина, агресивност, техника, но и дриблерски вештини, Роналдо го доби епитетот „Феномен“ и претставуваше вистински кошмар за противничките одбрани, а особено голманите, но како и сите останати играчи во фудбалот, сега и тој открива дека на почетокот добивал доста жесток третман од свој познат сонародник.
Со насмевка на лицето и со пријателски тон, Роналдо во интервјуто со Валдано открива дека легендарниот Ромарио знаел како да го искористи тоа што бил десетина години повозрасен од него во моментите кога тој се пробиваше на фудбалската сцена, па користејќи го епитетот на голема ѕвезда, поранешниот голгетер на Барселона имал посебни барања од „Ил Феномено“ и пријателски го понижувал пред останатите.
– Ромарио беше неверојатен со мене на почетокот. Бараше да му правам кафе на секој две или три минути. После тренинзите, ми ги даваше неговите копачки за да му ги исчистам. Секако, тоа морав да го направам пред сите останати во соблекувалната, – со насмевка на лицето се потсетува Роналдо.
Инаку, покрај тоа што беа соиграчи во Бразил, заедничко за двајцата беше тоа што нивната европска авантура стартуваше во ПСВ, а идентичен им беше и вториот предизвик на стариот континент, бидејќи и Ромарио и Роналдо настапуваа за Барселона.