Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека добил информации од лабораторијата на „Жан Митрев Клиника“ дека британскиот сој на ковид-19 веќе е застапен со 70 отсто од новодијагностицираните случаи. Забележителен е растот на бројките, нови рестриктивни мерки се можни, но не и во моментов, вели Филипче.
Дефинитивно е можно воведување на рестриктивни мерки бидејќи имаме раст на новозаболени, ситуацијата ја следиме, а во моментов сметаме дека не се неопходни посебни мерки, изјави министерот за здравство Венко Филипче по посетата на поликлиниката „Букурешт” во Скопје, каде Стопанска банка даде донација.
Филипче рече дека е забележлива нова тенденција на ширење на ковид-19 и нагласи дека во разговор со претставници на лабораторијата во „Жан Митрев Клиника” дознал дека дури 70 проценти од примероците земени од новодијагностицираните, припаѓаат на британскиот сој на вирусот.
„Потврдено е дека оваа мутација на коронавирусто се шири побрзо, односно е позаразна. Во МАНУ во тек се исто така испитувања. Сепак, во моментов има слободни места во болниците и болничкиот персонал е подготвен за ротации. Ситуацијата дневно се следи со цел да не дојде до степен на повторно преоптоварување на капацитетите и да се загрози стабилноста на здравствениот систем”, изјави Филипче.
Вчерашните податоци за бројот на нови позитивни случаи во земјава покажа нагло зголемување со 725 позитивни на вирусот, но по подолго време се зголеми и процентот на позитивни во однос на вкупно тестираните и изнесуваше 21 отсто.