ФИЛИПЧЕ НАЈАВИ НОВИ МЕРКИ: САМ ЧОВЕК НА УЛИЦА ЌЕ МОРА ДА НОСИ МАСКА, ЌЕ СЕ ОГРАНИЧИ БРОЈОТ НА ГОСТИ ВО КАФЕАНИТЕ, СОСТОЈБАТА СЕ ВЛОШУВА

642

Ограничување на бројот на лица на маса во угостителските објекти и за групирање на отворено, редуцирање на бројот на патници во јавен превоз и задолжително носење маска на отворено дури и кога сам човек се движи, се мерките кои се планира да се воведат ако се оцени дека трансимисијата на ковид-19 е неконтролирана, најави денес на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Според министерот, семејните прослави, свадби кои се забранети, и опуштањето на граѓаните во летниот период се главната причина за влошувањето на состојбата со епидемијата на ковид-19 и зголемениот број новозаболени пациенти и смртни случаи.

„Ќе ги засилиме мерките и контролите и апелирам да се разбере пораката дека ситуацијата е многу сериозна. Искрено се надевам дека нема да стигнеме до карантин, ниту пак до новите рестриктивни мерки и дека нема да се имплементираат. Но, анализите покажуваат дека мерките не се почитуваат на настаните на отворено“, рече министерот.

Филипче кажа дека се анализира зошто расте смртноста кај младите лица, и кажа дека останува препораката учениците од прво до трето одделение да почнат со физичка настава од 1 октомври.