Министерот за здравство Венко Филипче, до крајот на летово очекува да се постигне колективен имунитет во Македонија.
Министерот Филипче во интервју за „Радио Слободна Европа“ вчера изјави дека очекува со сите вакцини коишто треба да пристигнат во земјава, до крајот на летото да се постигне колективниот имунитет.
Министерот воедно истакна дека сите вакцини се безбедни и нема потреба граѓаните да преферираат една наспроти друга вакцина.
„Сега, со пристигнувањето на оваа значајно голема количина вакцини, а очекуваме уште стотина илјади на 15 мај, повторно од производителот „Синофарм“ и количината од 500 илјади вакцини од производителот „Синовак“ до крајот на мај, значи една значајно голема количина, која ќе се дистрибуира по овие два канала што ги спомнав, решивме да се стави приоритет на тие што се пријавиле и затоа се направи пресек на 30 април – сите граѓани коишто се пријавени на сајтот vakcinacija.mk, а тоа се невакцинирани близу 160 илјади, во период од две недели, значи некаде до 15 мај, ќе добијат термин за вакцинација преку СМС-порака или мејл, со точно време и пункт каде треба да се јават“, изјави Филипче.
Откако министерот истакна дека приоритетот се става на граѓаните коишто покажале инстерес за вакцинација, тој апелираше до сите граѓани да се пријават на сајтот за да ги има во системот „Мој термин“ и да може понатаму да се креираат таквите приоритети.
Инаку, од Министерството за здравство вчера соопштија:
„Во државата вкупно се аплицирани 130.878 дози вакцини, а ревакцинирани се 22.900 граѓани. Со последните бројки околу 30 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина“.