Ford паркира автоматски во катна гаража во Детроит

657
Ford го прикажа системот што овозможува целосно автоматско паркирање на возила, во катни гаражи што поседуваат соодветна техника.

Возењето за многумина е уживање, но престанува да биде тоа кога треба да се паркира автомобилот. Ford во катна гаража во Детроит прикажува техника за автомобилот буквално да се паркира самостојно.

Ford во соработка со Bosch ја прикажува работата на техника за целосно автоматско паркирање возила. Системот е поставен во гаражата во комплексот Асембли во Детроит. Ова е првпат во САД да се постави техника за паметна инфраструктура, што овоможува целосно автоматско паркирање во катна гаража.

Во работата на системот може да се увери секој намерник што ќе го посети приземниот дел од гаражата во комплексот Асембли во квартот Корктаун, во Детроит. Компанијата Бедрок, сопственик на комплексот, се залага за воведување најнови технологии во паркирањето и во мобилноста. Истата компанија го има поставено и системот со подвижни платформи во зградата на Детроит Фри Прес.

Тест-возилата на Ford се вмрежени и користат т.н. vehicle-to-infrastructure (V2I) комуникација од Bosch. Сензорите во објектот го препознаваат и го лоцираат возилото, по што го водат до слободното место за паркирање. Техниката ги избегнува пешаците или пречките на патот. Во случај да има предмет по патеката на движење, возилото запира.

Операторите на катните гаражи имаат корист да вградат ваква техника, затоа што повеќе возила ќе се паркираат и заминат во одредено време – секако и возилата треба да располагаат со соодветна технологија

По влегувањето во гаражата, возачот го остава возилото на одреденото место и со помош на мобилната апликација издава наредба за системот да го паркира автомобилот. Апликацијата се користи и на крајот, за возилото да се врати до појдовното место.

Проектот има за цел, на трите компании кои се водечки во своите сектори, да им обезбеди повратни информации во врска со искуството на корисниците, конструирањето на возилата, проектирањето на паркиралиштата, и секако, со мобилната апликација.

Предноста за операторите со катните гаражи е во подобрувањето на ефикасноста во искористувањето на просторот за паркирање. Автоматизираниот процес овозможува ефикасноста да се подобри за 20 проценти. Техниката може да се вгради отпосле или нејзиното користење да се предвиди уште при проектирањето на објектот.

Уште една функција на автоматизираното возење е можноста возилото да се одвезе само до просторот за миење возила во гаражата.