(ФОТО) Ахмети доби титула „почесен доктор на науки“ на Универзитетот во Тетово

548
Албанската опозиција, пак, обвини дека ДУИ го политизира Универзитетот, а организираше и иронична изложба на трудови со кои Ахмети ја заслужил титулата, меѓу кои еден го наслови „Стратегија за преместување на младите во егзил без насилство и репресија“

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, доби титула „почесен доктор на науки“ на Универзитетот во Тетово.

На настанот присуствуваше и првиот вицепремиер Артан Груби, кој рече дека нема подобар начин да се одбележи годишнината од формирањето на оваа високообразовна институција и порача дека титулата на Ахмети е заслужена затоа што оддавањето чест кон него значи и чест за сите други заслужни личности.

„Денешниот чин не му прави чест на Али Ахмети, всушност му прави чест на Универзитетот на Тетово и на целата албанската нација. Затоа што, како што вели и Ниче, почитувањето на големите личности, ја возвишува нацијата. Една личност кој цел живот го посветил на нацијата и еднаквоста, на демократијата и интеграцијата, на образованието и развојот, на правата и достоинството, посветувајќи се целосно во услугата кон другите, вакви личности нацијата ретко раѓа“,

рече Груби.

Додека на лидерот на една од владејачките партии му се доделуваше титулата, младинските организации на албанските политички партии, пред Универзитетот, пак, Алијанса за Албалците и Алтернатива, пак, порачаа дека ова е политизација на тетовскиот универзитет.

Тие поставија и иронична изложба на наводни трудови кои се дело на Ахмети.

„На изложбата што ја гледате зад мене, ние откривме само некои од академските списи што оваа личност ќе им ги остави на идните генерации, меѓу кои и ’Стратегија за преместување на младите во егзил без насилство и репресија‘. Покрај добро познатите трудови, решивме да откриеме и некои експерименти чиј резултат е тоа што има десетици Албанци кои денес се испраќаат во затворите во државата“,

изјави Омер Ајдини, претседател на Младинскиот форум на Алијансата за Албанците.

Адем Јашари од Алтернатива рече дека Универзитетот во Тетово не е на Али Ахмети и неговите сопартијци и дека кога ќе бидат на власт ќе му го вратат достоинството.

„Универзитетот во Тетово, кој се издигна над крвта и потта на Албанците не само во нашата земја, за жал денес падна под немилосрдните канџи на политизацијата и партизацијата што ја спроведува ДУИ. Така се вознемируваат коските на Абдилселам Емин, но и Фадил Сулејмани, како луѓе кои жртвуваа сè за формирање на овој Универзитет. Затоа, денес се прашуваме што би рекол Фадил Сулејмани да беше жив за ова газење на Универзитетот за кој толку многу жртвуваше“,

рече Адем Јашари од Алтернатива.