(Фото/Видео) Се одржа комеморацијата за маестро Александар Џамбазов

876

Со звуците на неговата Рапсодија за Скопје, наместо како вообичаено со едноминутен молк, денеска во Скопје почна комеморацијата во чест на диригентот и композитор Александар Џамбазов, кој почина на 25-ти јануари, на 85-годишна возраст.

Џамбазов заминува во музичката историја по 50-годишно неуморно творење, за кое време запишал 982 авторски дела од разни музички жанрови.

Погребот ќе биде извршен во најтесен семеен круг, рече неговиот син Игор Џамбазов, кој вети дека љубовта почувствувана денеска кон Џамбаз ќе биде пренесена во вечниот дом.

Игор им се заблагодари на сите што дојдоа да оддадат почит на неговиот татко.

„Ја чувствувам љубовта што ја имате кон вашиот омилен маестро, вашиот чичко Ацо, вашиот Џамбаз. Тања јас и целото семејство ви ветуваме дека истата оваа количина љубов ќе ја земеме сега со нас и ќе ја пренесеме во неговиот вечен дом. Денес тоа ќе го направиме само во најблискиот круг на семејството, а вие уште од попладне ќе можете да му оддадете последна почит на еден благодарен човек, на еден кроток, мирен господин, на еден човек кој кога ќе му го споменевте името настрана, прво што предизвикуваше кај луѓето беше насмевка. Човек кој цел живот беше во сенка на други, а всушност е најголем генијалец во нашето семејство. Прво викаше што сум јас, цел живот бев зет на Петре, па маж на Анче, па татко на Тања и Игор – што сум јас. Сега ќе ти кажам – ти си маестро, маестро мој“, рече Игор.

Александар Џамбазов иако е роден на 3-ти февруари 1936-та година во село Стапар, Војводина – Србија, целото детство го поминал во Штип и Скопје каде стекнува основно и средно музичко образование. Дипломирал во 1960 година на Музичката академија во Белград во класата на Марко Тајчевиќ. Целиот свој работен век го помина во Македонската радио телевизија, најнапред како млад соработник во музичките редакции, а потоа како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Тој е еден од иницијаторите и основоположниците на Скопскиот фестивал на забавни мелодии и на Фестивалот на детски песни „Златно славејче“ на кој го доби и прекарот „чичко Ацо“. Освен во популарните жанрови, во кој има бројни забавни мелодии и детски песни, во творечкиот опус на Џамбазов има дела од класичната музика, оркестарски, хорски и камерни творби, творби за бас и пијано, музика за филм и театарски претстави. За својата музичка дејност е добитник на голем бројни највисоки државни и стручни награди, а неговото дело Рапсодија за пијано и симфониски оркестар има добиено награда на Меѓународниот конкурс во Италија.

Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори.