Жител на едно мавровско село од својата тераса ја фотографирал рисицата Лиса, стара околу седум години која МЕД систематски ја следи со помош на ГПС околувратник.
Вистинска радост е кога жители од мавровските села ќе нѝ јават дека виделе рис, а уште повеќе кога ќе нѝ испратат слики од рис што го следиме подолго време со ГПС околувратник, со возбуда информира македонското еколошко друштво МЕД.
„Деновиве добивме прекрасни слики од рисицата Лиса, деветта различна единка рис заловена во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година. Станува збор за здрава единка, стара околу 7 години”, изјави Диме Меловски од МЕД.
МЕД нагласува дека фотографиите ги испратил жител од едно мавровско село, кој убавицата – рисица ја сликал од својата тераса.
Од Друштвото информираат и за една лоша вест – во месноста Суви Дол, кичевско, целосно од страна на несовесни граѓани е уништена кафез – замка, којашто беше поставена за научно-истражувачки цели и не е во можност повторно да се употреби за следна мониторинг сесија на балканскиот рис.
„Досега не сме имале вакво искуство и апелираме до граѓаните што се движат во планина дека овој тип на замки е наменет исклучиво за научно истражувачки цели и следење на популацијата на критично загрозениот балкански рис. Случајот ќе го пријавивме во полиција и се надеваме дека надлежните ќе поведат постапка против сторителите”, вели Меловски.
Инаку, вакви замки се поставени на повеќе локации во НП „Маврово” и надвор од него и се од непроценлива вредност за стекнување нови сознанија за ова ретко животно, коешто МЕД активно го проучува и заштитува од 2006 година.