Франција е нов СВЕТСКИ ПРВАК, храбрата Хрватска „потопена“ во Москва!

840

Фудбалската селекција на Франција е новиот светски шампион. „Галските Петли“ во финалето на Мундијалот во Русија ја потопија селекцијата на Хрватска (4-2), која одигра историски турнир, но остана без сили во клучниот натпревар одигран на „Лужњики“ во Москва. За Франција ова е втора мундијалска титула, по онаа од пред 20 години, кога на домашно тло славеше генерацијата на Зидан, Петит, Бартез, Дешамп…

За разлика од последните шест финалиња, денес двете селекции одиграа незаборавно финале, кое го красеше борбена и атрактивна игра, во која подобро се снајдоа француските фудбалери. Дешамп и за денешниот меч се одлучи за ист состав и иста тактика како во претходните натпревари. Франција не делуваше моќно на теренот, но одигра тактички перфектен меч, кој ѝ донесе втора светска титула. Хрватска пак, која од првата минута стартуваше со Иван Перишиќ, беше подобриот противник низ текот на сите 90 минути, но во фудбалот не така често победува подобриот тим, пишува гол.мк.

Мечот на преполниот московски стадион започна според очекуваното, односно како што Франција го започна скоро секој меч на овој собир. Фудбалерите на Дешамп не сакаа да играат со топката и му ја препушти на противникот, кој создаде неколку полушанси, но без проблеми за Лорис.

И кога Франција првпат ја помина својата половина, стигна до водство од 1-0. Гризман изведе перфектен слободен удар, а херојот од мечот со Англија, Марио Манџукиќ реагираше несмасно и несакајќи ја смести топката зад грбот на Субашиќ.

Манџукиќ автогол

Сепак, Хрватска уште еднаш докажа дека е стабилна селекција и по само 10 минути игра во продолжението успеа да го израмни резултатот на 1-1. Од десната страна центаршут испрати Ребиќ, а во гужвата пред голот на Лорис најдобро се снајде Перишиќ кој со ефектен погодок донесе хрватска радост на „Лужњики“.

Перишиќ гол

Ако Марио Манџукиќ го постигна првиот автогол во историјата на финалињата на СП, во денешното финале беше досуден и првиот ВАР-пенал. Перишиќ играше со рака во својот казнен простор, па по прегледаните снимки Питана се одлучи да покаже најстрога казна, која во гол ја претвори првата француска ѕвезда Антоан Гризман.

Франција втор гол

Хрватите фуриозно го започнаа и вториот дел и по само три минути Лорис беше ставен на маки, откако Ребиќ упати вистинска бомба, но голманот на Тотенхем беше на висината на задачата и одлично интервенираше.

И додека хрватите напаѓаа, се отвори простор за неверојатниот Мбапе, кој со својата брзина ја размрда противничката одбрана и додаде до Погба, а фудбалерот на Манчестер Јунајтед од својот втор обид, со лева, мајсторски го совлада Субашиќ за сигурно француско водство од 3-1.

Погба Хрватска

„Триколорите“ како да добија ветар во грбовите и тинајџерот Мбапе со фантастичен гол од над 20 метри повторно го матира хрватскиот голман и ѝ ја доближи својата селекција до „божицата“. Сепак, балканската селекција брзо успеа да се соземе, и намали на 4-2. Најзаслужен за вториот хрватски гол беше искусниот Уго Лорис, кој направи аматерска грешка и му дозволи на Манџукиќ да ја врати надежда на „коцкестите“.

До крајот на мечот Хрватска константно напаѓаше, но искусната француска одбрана не дозволи уште еден шок и рутински го сведе мечот во своја полза.