Французите ги саботирале Трамп и Путин: Во последен момент променет распоредот на седење, но двајцата претседатели сепак успеале да разговараат…

720

Распоредот на седење на лидерите на работниот доручек во Елисејската палата по повод одбележувањето на 100 години од крајот на Првата светска војна бил променет во последен момент.

Наводно, тоа било сторено со цел претседателите на Соединетите Американски Држави и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин да не можат да разговараат, тврди извор од руската делегација.

„Навистина Елисејската палата го примени распоредот на седењето на лидерите пред почетокот на работниот доручек. Во конечната верзија, претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, седеа еден наспроти друг и немаа прилика детално да разговараат“, открил изворот.

Оваа информација подоцна ја потврди и портпаролот на рускиот претседател, Димитриј Песков. Како и да е, Владимир Путин изјави дека сепак успеал да поразговара со својот американски колега Доналд Трамп.

Путин во текот на вчерашниот ден потврди дека имал одвоен состанок со Трамп, но и дека со него ќе се сретне на маргините на самитот на Групата на индустриски најразвиените земји на светот и земјите во развој (Г20) во Аргентина.

Путин за телевизијата “RT” изјави дека тој и Трамп одлучиле да „не го реметат распоредот“ на случувањето во Париз каде што минатиот викенд се одбележуваа 100 години од потпишувањето на примирјето на Првата светска војна.

Рускиот претседател, покрај тоа, откри дека разговорот што го имал со Трамп бил добар, не откривајќи повеќе детали за средбата.