Футуристичко чудо во Саудиска Арабија: Принцот Мухамед го најавил проектот Неом – мегаград без автомобили и улици, вреден 500 милијарди долари

458

Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Салман во неделата ги открил плановите за новиот град “The Line” од мегапроектот Неом на брегот на Црвеното море.

Пешачкиот град ќе има милиони жители и ќе биде долг 170 километри. Ќе настојува да ја сочува речиси сета природа која се наоѓа на таа локација, која се наоѓа на северозападот на кралството.

Плановите за градот не вклучуваат автомобили или улици и “нулта емисија на јаглерод-диоксид”, рекол принцот Мухамед. Изградбата ќе почне пред крајот на март. Принцот Мухамед, кој е претседател на одборот на компанијата “Неом”, рекол дека “The Line” е дизајниран на граѓаните да им овозможи да ги исполнат своите дневни потреби во рок од пет минути одење. Низ градот ќе може да се патува од крај до крај за 20 минути, рекол тој.

“Градовите со машините, автомобилите и фабриките им дадоа предност на луѓето…дури и во градовите кои тврдат дека се најнапредни на светот, луѓето минуваат години од својот живот патувајќи”, рекол принц Мухамед.

“Зошто би требало да прифатиме да губиме години од животот на патување до работа? Зошто да ја жртвуваме природата поради развој?”

Саудискиот престолонаследник го најавил “The Line”, појас од 170 километри хиперповрзани идни заедници, без автомобили и патишта.

“Мораме да го трансформираме концептот на конвенционален град во футуристчики”, рекол тој.

Градот 100 проценти ќе се напојува со обновлива енергија, а трошоците на инфраструктурата би биле 30 проценти поевтини во споредба со традиционалните градови.

Принцот Мухамед рекол дека повеќе детали за проектот ќе се откријат дополнително. Саудиската агенција за печат рекла дека градот ќе биде “појас од 170 километри хиперповрзани идни заедници” и дека ќе има “решенија за ултрабрз транзит и автономна мобилност”.

“Сите основни секојдневни услуги, како училишта, медицински клиники, забавни објекти, како и зелени површини, ќе бидат на пет минути одење”, известила агенцијата.

“Неом” е водечки проект за Саудиска Арабија по нафтената диверзификација, познат како “Визија 2030”, со кој треба да се намали зависноста на земјата од јагле-водороди. Го надгледува Фондот за јавни инвестиции и би требало да отвори стотина илјади работни места.

“Неом” ќе се простира на 26.500 километри квадратни. Ќе содржи градови, пристаништа и работни зони, истражувачки центри, спортски места, забавни локации и туристички дестинации. Најголем дел од градбата ќе се изврши наредната деценија, со цел до 2030-та година да прими милион жители.