Г.Г. СТЕФАН ИМ ПОРАЧА НА ВЕРНИЦИТЕ – не се вознемирувајте што не можете да бидете побројни во храмовите

581

Во своето обраќање, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, упати совет до верниците да не се вознемируваат затоа што не можат побројно да присуствуваат на светите богослужби во храмовите. Тој од нив побара да имаат трпение во овие моменти и ги повика да се молат во своите домови и своите срца.

„Поминуваме низ еден период кој од нас бара трпение, послушност и воздржување. Појавата на заразната болест, не натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни. На нашите верници, и овде во Македонија и насекаде низ светот, им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нѐ избави од опасната болест“, вели г.г. Стефан во велигденското обраќање.

Во обраќањето, поглаварот на МПЦ-ОА ги повика верниците да се молат и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молат за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста.