Ељиф Елмас има блескава иднина пред себе, а тоа во многу наврати го докажувал на сите фронтови. Вчера го реши натпреварот во Дуизбург со Германија, па се најде и на мета од италијанските медиуми.
Во разговор со „Пунто Нуово“, застапникот на Елмас во Италија, Џорџ Гарди го изнесе своето мислење и не штедеше комплименти за фудбалерот на Наполи.
„Ова е одличен момент за Македонија, пред неколку месеци се пласираа на ЕП, а сега ја победија Германија. Елмас и Пандев сега се национални херои. Елмас стана еден од лидерите на националниот тим, секогаш има добри перформанси.
Тој игра примарно во левиот дел од средината. Може да настапи на повеќе позиции, но тоа може да стане негативна работа. Кога Елмас пристигна во Наполи имаше друг тренер, сега е приморан да се снајде во систем 4-2-3-1, дури и кога тоа делува негативно на перформансот.
Наполи има бисер, млад фудбалер кој е лидер на националниот тим и дава често голови. Играч како него вреди 30-40 милиони евра“, изјави застапникот на Елмас од Италија.
За волја на вистината, Елмас добива шанса од клупата најчесто под Гатузо, што му ја отежнува работата да се истакне и да се етаблира во важен дел од тимот на „партенопеите“. Елмас ја доби „седумката“ во Наполи, а оваа сезона настапи на 35 натпревари и даде три голови, но запиша само 1.175 минути на теренот.