Eкспремиерот Љубчо Георгиевски во интервјуто за „А1он“, зборувајќи за македонско-бугарските односи, уште еднаш потенцира дека Македонија треба да ја смени перцепцијата кон Бугарија и да престане со антибугарското расположение, затоа што, според него, во минатото Бугарија била најголемиот поддржувач на Македонија, особено во 19 век. Наспроти ова, Геориевски вели дека треба да ѝ се оддаде признание и почит на Бугарија.
„Ако сме им простиле на Србите, кои биле три пати пожестоки окупатори на овие простори, ако сме им простиле во поновата историја на УЧК и седат во Владата, не гледам проблем да им простиме и на Бугарите. Аршинот треба да биде ист. Ако не простуваме, не простуваме никому. Треба да ја смениме перцепцијата и да признаеме дека Бугарија била најголем поддржувач на Македонија во 19 век. Факт е дека секој ранет комита од Македонија одел на лечење во Бугарија. Секој кој бил гонет се криел во Бугарија, 90% од оружјето доаѓало од Бугарија, обуките биле таму, во Бугарија. Таа поврзаност Бугарија- Македонија била многу јака, зошто има проблемот да ја признаеме? Триесет години го зборувам ова. Ако ги утврдевме пријателските места немаше да дојдеме до ова, ако секој политичар градеше по еден чекор, ниту ќе имавме обврски, ниту ќе ја имавме оваа шокова терапија“, вели Георгиевски во интервју за „А1он“.
На прашањето за откажувањето од македонското малцинство во Бугарија, Георгиевски вели дека тоа не било ништо ново и дека Македонија и со Договорот од Преспа и со Договорот со Бугарија се откажала од малцинствата.