Откако на социјалните мрежи проструи веста дека германската влада го усвоила нацрт-законот за ангажирање квалификувана работна сила надвор од земјите на Европската унија бидејќи се соочува со проблем на стареењето на населението, се отворија перспективи за многу бројното население од Македонија кое спас од безработицата ќе гледа во една од најразвиените земји во светот.
Според македонските иселеници кои долги години посредуваат за работа во Германија, најбараните професии кои во моментот и се потребни на германската економија се градежници, електричари, водоинсталатери. Според Бошко Васев, иселеник по потекло од делчевско, кој повеќе од 20 години преку своите фирми им обезбедува работа на лицата од Македонија и земјите од Западен Балкан, Германците имаат добро искуство со работоспособното население кое доаѓа од овие простори, па затоа за споменатите работни места неретко се одлучуваат да ангажираат работници со уредна документација од земјите од Западен Балкан.
-Проблем број еден во Германија е сместувањето и поради тоа многу се гради во Германија, а со тоа расте и потребата од градежници, електричари, водоинсталатери, парнаџии, работници кои работат со кнауф и гипс картон, молери, ѕидари, армирачи, со еден збор се што припаѓа под градежништво, а по традиција Германија се соочува и со недостиг од медицински лица, вели Васев.
Васев во регионот Бруксал-Бретен е познат како човек кој долги години им помага на Македонците да најдат работа и да се интегрираат во Германија. Според него, има неколку клучни работи за секој поединец кој сака да зачекори на патот до успехот во оваа земја.
-За да успееш овде треба да бидеш точен и да бидеш добар работник и како најважно од се што треба е секој човек максимално да се труди да го научи германскиот јазик. Тоа е проблем број еден, бидејки многу луѓе тоа не го сфаќаат сериозно. За другото не можеме да се пожалиме, ние сме познати како добри работници, меѓутоа без јазикот, нема напредување, нема подобро работно место, нема подобра плата, додава Васев.
Бошко Васев е еден од малкуте наши иселеници кои успешно чекорат на патот до успехот во регионот Бруксал-Бретен. Моментално во овој германски регион својата егзистенција ја нашле околу 1.000 иселеници од Македонија.
Новиот закон предвидува граѓаните на земјите што не се членки на ЕУ, а имаат квалификации потребни за Германија, да добијат дозвола за престој од шест месеци за да најдат работа. Во овој период, тие мора да имаат свои средства за живот и да покажат доволно ниво на познавање на германскиот јазик.