Германската сојузна влада усвои предлог закон кој, откако ќе помине во Бундестагот, ќе започне да важи од 2020-та година, а носи низа на новости за сите странски државјани кои што сакаат да работат во оваа земја.
Германската сојузна агенција за вработување објави листа на најдефицитарните работни места, односно откри кои професии ќе бидат најбарани во Германија во следните неколку години. На нивната најнова, таканаречена позитивна листа се наоѓаат професии кои под одредени услови можат да ги работат и квалификувани работници без германско државјанство.
Агенцијата составила позитивна листа за работни места за кои што моментално има дефицит од работна сила и токму со таа листа се промовира доселување на квалификувани работници од странство.
На листата со најдефицитарни професии се: Инженери од сите видови, информатичари, доктори, биолози, хемичари, математичари, техничари, електричари, водоинсталатери, лакери, готвачи/пекари, столари, медицински персонал, негуватели и слично.
Сепак, најзначајно е тоа што од 2020-та година сите странски државјани ќе станат рамноправни со граѓаните на Германија и државјаните од другите земји на Европската унија на тамошниот пазар на трудот. Исто така, работодавачот нема да мора да докажува дека на домашниот пазар нема соодветен кадар, туку ќе може слободно да му понуди договор и на работник кој што е државјанин на друга земја.
Покрај тоа, потенцијалните имигранти ќе мора да бидат квалификувани за некоја работа, а својата стручност ќе треба да ја докажат со диплома од стручна или висока школа. Тоа единствено нема да се однесува на “IT” експертите кои што нема да мора да имаат формално образование, туку само пет години работно искуство.
Новиот закон ќе овозможи и добивање на шестмесечна виза за доаѓање во Германија со цел да се бара работа. Тоа значи дека ќе биде забрането да се бара работа доколку во Германија се пристигне без виза, односно туристички.
Исто така, во текот на тие шест месеци сите странски државјани ќе мора самите да се грижат за себе, односно да докажат дека имаат доволно пари за живот во Германија и да не сметаат дека ќе добијат било каква социјална помош.