Германија шокирана! Најголем хакерски напад во историјата! Украле милиони податоци од политичари, новинари и познати, хакирана и Ангела Меркел

887

Непознати хакери украле милиони податоци од германски политичари, новинари и познати личности, а меѓу жртвите е и германската канцеларка Ангела Меркел.

Министерката за правосудство Катарина Барлеј рекла дека станува збор за “тежок напад”.

“Извршителите сакаат да ја урнат довербата во нашата демократија и институциите”, рекла таа.

Повеќе илјади податоци со делумно лични информации се објавени преку интернет, а засега е нејасно кој ги украл тие податоци, пренесува германскиот дневник “Bild” истакнувајќи дека ова можеби е најголемиот хакерски напад во досегашната историја на Германија. Јасно е само дека нападот е прекинат кон крајот на октомври, но никој не знае кога започнал.

Со хакерскиот напад биле погодени политичари од речиси сите политички партии, освен десничарската AFD, чии податоци засега не се објавени. Меѓу објавените податоци на познатите личности, пред се политичарите, од претседателот Франк Валтер Штајнмајер и канцеларката Меркел, до пратениците во Бундестагот, се наоѓаат броеви на телефони, адреси, броеви на лични документи, изводи од електронски комуникации, сметки, информации за кредитни картички, а во некои случаи и лични пораки од кругот на семејствата, како и кредитни картички на членови на семејствата.

Кога станува збор за канцеларката Меркел, објавен е еден број на факс, една мејл адреса и неколку писма кои канцеларката ги праќала и примала. Колку се овие податоци чувствителни останува да се види, посебно имајќи во предвид дека е погодена цела германска влада.

Погодени биле и бројни уметници и новинари, пред се јавните сервиси ARD и ZDF. Само во ARD најмалку 33 новинари биле погодени од хакерскиот напад.

Сојузната служба за заштита на уставноста од вчера започнала истрага во овој случај, и разменуваат информации со странски разузнавачки служби за да се влезе во траг на хакерскиот напад.

Германските медиуми шпекулираат дека зад нападот може да стојат држави како Русија и Кина, бидејќи наводно Москва веќе со години спроведува големи хакерски напади на Германија, а не може да се исклучи ни соработката со германските десничарски екстремистички групации.

Кога станува збор за партиите, најтешко е погодена владејачката коалиција CDU и CSU – од 405 политичари на тие партии биле објавени лични податоци. Кај SDP хакерите објавиле податоци на 294 политичари, кај Зелените 105, од Левица најмалку 82, и кај FDP 28. Кај Зелените посебно бил погоден шефот на партијата Роберт Хабек, откако хакерите објавиле и значајни изводи од дигиталната комуникација со семејството.

Првата истрага покажала дека хакерите најверојатно упаднале во компјутерите преку “Outlook”, програм за праќање на мејлови. Кога украле лозинки од најмалку 30 политичари, дошле до други преку мрежата и профилите на социјалните мрежи како Твитер и Фејсбук.