По зголемувањето на невработеноста поради кризата со коронавирусот, владејачката ЦДУ / ЦСУ во Германија, планира да ја намали натамошната миграција на трудот врз основа на одлуката од 2016 година за бенефиции за граѓаните од Западен Балкан.
Работните групи се договориле да ги прошират придобивките, кои истекуваат на крајот на годината, за две години, но и да ја намалат можноста тие да бидат искористени од страна на неквалификуваните работници, го пренесува Танјуг пишувањето на германскиот весник, „Welt am Sonntag“.
Правилото за работниците од Западен Балкан беше воведено пред пет години, со цел намалување на масовната имиграција преку системот на азил.
Нашата редакција контактираше и со дел од граѓани, но и студенти кои одат на сезонска работа во Германија. За нив е шокантна оваа одлука, затоа што од терен имаат други информации.
-Имаме разговори со менаџерите од Германија, веќе во два наврати во последен момент ни ги одложуваат ангажманите, со изговори од типот дека се уште не може да одиме и да работиме веднаш, туку најпрво ќе мора да бидеме во карантин од 14 денови, кој би бил на наш трошок, нешто што не е исплатливо.
Покрај проблемот што не одат да работат, дел од граѓаните кои верувале дека ќе заминат во Германија, направиле и тестови кои се негативни на корона вирус, но и покрај тоа, тестовите ќе пропаднат, па при следно заминување повторно ќе мора да бидат тестирани.
-Во исчекување сме, зависиме од таа работа, вложивме и пари, воедно одбивме други понуди за работа во нашата држава. Им верувавме на луѓето од Германија, се уште чекаме, не се откажуваме, но не знаеме како ќе се одвива целата ситуација, ни раскажува студент кој требаше уште пред еден месец да биде во Германија.
Работодавците од Германија бараат и да се потпише дека при нов бран на корона вирус, вработените нема да бараат помош од компанијата и самите ќе одговараат за последиците.