Експертите од Институтот за епидемиологија „Роберт Кох“ денеска објавија дека ќе се зголеми стапката на смртност на заразените лица од коронавирус во Германија.
“Веќе имаме случаи кога епидемијата ги зафати старечките домови и домовите за нега. И, за жал, мора да сметаме на зголемен број на загинати”, изјави Лотар Вилер, директор на Институтот Роберт Кох, врз чии проценки се потпира германската влада.
Тој рече дека во моментот имало 61.913 случаи на инфекција со коронавирус во Германија, што е за 4.600 повеќе од вчера. Бројот на починати се искачи на 583 лица.
Просечната возраст на починатите од коронавирус во Германија е 80 години. Најмладиот пациент имал 28 години, но боледувал од хронични заболувања пред инфекцијата, покажуваат податоците на Институтот Роберт Кох.
Вилер рече дека околу Велигден е можно да се дадат поточни проценки за траењето на епидемијата во Германија.
„Може да трае со недели и месеци“, рече Вилер, повикувајќи ги властите да не ги укинуваат мерките против ширење на инфекцијата.
Научниците од Универзитетите во Мајнц и Хамбург дошле до заклучок дека пандемијата на коронавирус во Германија ќе заврши во август или септември.
“Пандемија со околу 1,3 милиони луѓе заразени во исто време се очекува да достигне врв во јуни, ако ограничувањата во движењето траат до крајот на велигденските празници. Според овој модел, бројот на новозаболени треба да се спушти до август или септември”, рече вирусологот од универзитетот во Мајнц, Бодо Пластер.
Тој смета дека бројот на заразени лица во исто време не би бил многу помал, доколку строгите мерки на движење продолжат по 20 април, кога завршуваат велигденските празници во Германија.
Мартин Ајхнер, епидемиолог од Универзитетот во Тибинген, во соработка со институтот за здравство во Баден-Виртемберг, развија симулација на ширење на инфекцијата, покажувајќи дека мерките за спречување на ширење на инфекцијата само ја забавуваат епидемијата, но не ја спречува.
„Проблемот е што ако ја запреме инфекцијата, никој нема да добие имунитет. И од епидемиолошка гледна точка, знаеме дека инфекцијата е под контрола само кога околу една третина од населението е имуно“, рече Ајхнер.
Во меѓувреме, градот Јена беше првиот во Германија што воведе обврска за носење заштитни маски на јавни места. „Треба да ја воведеме оваа мерка за да ги заштитиме оние што се во интензивен контакт со луѓето“, рече портпаролот на градот Јена, Кристијан Филер.
Федералниот министер за финансии и заменик-канцелар Олаф Шолц им вети на компаниите кои ќе се префрлат на производство на заштитни маски , дека ќе добијат заштита од финансиски ризици заради промена на производството.
„Ова е потребно за овие компании кои сега ќе произведуваат заштитни маски, но за ограничено време“, рече Шолц.
Германската влада вчера објави дека во моментов не размислува за воведување на обврска за носење заштитни маски за кратко движење како што се одење во продавници, аптеки, итн., како што воведе вчера Австрија.