Германскиот град Ханау поставил нов вид „лежечки полицаец“ кој не простува надминување на брзината

810

Ако возилото се движи побрзо од дозволеното, забавувачот на сообраќајот автоматски се спушта за неколку центиметри, па преминувањето со автомобил преку него не е воопшто пријатно.

Се чини дека класичните „лежечки полицајци“ полека заминуваат во историјата. Така е барем во развиените делови на Европската унија.

Имено, во германскиот град Ханау се инсталирани активни забавувачи на сообраќајот кои претходно беа поставени во неколку шведски градови, а се шират и низ Исланд, Норвешка и други земји.

За што станува збор?

Секој комплет кој го изработува шведската компанија „Едева“ се состои од надзорни камери и активен забавувач на возила.

Сите возачи кои го почитуваат ограничувањето на брзината нема ни да го почувствуваат забавувачот бидејќи тој останува на ниво на коловозот. Меѓутоа, ако некој вози побрзо од ограничената брзина, „лежечкиот полицаец“ се спушта неколку центиметри под површината на асфалтот, па кога ќе помине преку него, ќе почувствува непријатен удар.

На овој начин се казнуваат само возачите кои возат побрзо од ограниченото, а сите останати поминуваат над „лежечкиот полицаец“ без последици, односно автомобилот не е изложен на удар и не доаѓа до негово оштетување.

За возачите навремено да се предупредат на овој специфичен забавувач, пред наидувањето на истиот е поставен соодветен сообраќаен знак.

Европа не е единствениот континент во кој се поставени вакви активни забавувачи на возила – пред неколку години беше инсталиран сличен „лежечки полицаец“ и во Мексико.