Една жена и нејзиниот љубовник се казнети со повеќе од 20 години затвор поради убиство на нејзиниот сопруг во “средновековен двобој” во источен лондонски тунел.
35-годишната Аста Јускаускиене го наговорила својот нов 25-годишен партнер Мантас Кведарас, да се бори против таткото на нејзината ќерка, Гиедрус Јускаускас. Како што било кажано, таа им рекла на двајцата дека победникот ќе ја добие неа.
Но, во конфронтацијата која уследила, Кведарас, осуден силувач, во рок од неколку секунди го убил својот невооружен и пијан ривал, бодејќи го 35 пати во градите, вратот и лицето.
Убиството се случило во раните утрински часови на 17-ти јуни минатата година во Њухам. Следниот ден двајцата заљубени славеле со излегување на пијалак.
Јускаускиене е казнета со 24 години затвор во петокот, откако била прогласена за виновна за убиство и попречување на правдата. Нејзиниот љубовник добил 22 години казна затвор откако признал дека го убил нејзиниот сопруг.
Парот започнал врска преку социјалните медиуми додека Кведарас издржувал затворска казна во Литванија – државата од каде доаѓаат двајцата – поради сексуален напад на тинејџерка.
Кведарас потоа дошол во Велика Британија да се запознае со Јускаускиене, само пет дена пред таа да ја организира неговата борба со 42-годишниот Јускаускас, кој исто така има потекло од таа балтичка држава.
Обвинителот рекол дека станувало збор за средновековен дуел чии учесници играле по различни правила и имале различни способности.
“Јускаускас бил многу пијан. За разлика од Кведарас, тој не бил склон на насилство. Бил сосема невооружен”, рекол обвинителот, кој додал дека помладиот маж бил насилен и во затвор.
Според зборовите на сведоците, Јускаускиене им рекла на пријателите дека сака мажи да се тепаат за неа и дека таа ќе остане со тој што ќе победи.
“Мислам дека ќе си играм додека не влезам во проблем. Веројатно сакам ризик и опасност”, и рекла осудената жена на една пријателка која тие зборови ги повторила на суд.