Ги уништија Венеција и Дубровник, сега на ред е сокриениот дијамант во Црна Гора

1241

Средновековниот црногорски град Котор, сместен во величествениот Бокакоторски залив, преживеал многу војни и олуји. Сега се соочува со друг вид на напад. Огромните крузери со многу туристи му се закануваат на местото кое со години се опишувало како скриен дијамант.

Брегот кој Лорд Бајрон го опишал како “најубав спој на копно и море” сега е место на незапирлив развој на недвижнини. Стариот град обиколен со бели ѕидини станал алтернатива за патниците кои се обиделе да го избегнат масовниот туризам кој го задушил Дубровник.

Минатата година популарниот Дубровник, препознатлив по средновековните ѕидини и вброен во листата на УНЕСКО за културни наследства исто како и Котор, станал синоним за туристичка загушеност, поради што и се нашол на некои листи за пренатрупани дестинации кои е пожелно да се избегнуваат. Слична судбина му се заканува и на Котор.

“Котор некогаш беше препознатлив по тоа што е поавтентичен од Дубровник, но сега се изедначивме”, рекла Сандра Капетановиќ од “Expedita”, которска група архитекти која заговара одржлив развој.

“Го претвораме во град на сувенири”, додава Капетановиќ и нагласува дека растот на цените на недвижнините предизвикува затворање на книжарници, мали фирми и продавници.

Минатата недела патописецот “Lonely Planet” твитувал фотографија од огромен крузер кој запловил во Котор, чие пристаниште може да прифати четири такви одеднаш, што придонесува за бројка од околу 10.000 посетители дневно на врвот од сезоната.

“Вчера три одвратни џинови го блокираа заливот. Ја уништија Венеција и Дубровник. Останува надежта дека нема да го уништат и Котор”, напишал Петар Драгичевиќ.

УНЕСКО, кој го вброил Котор во листата Светски наследства од 1978. година, веќе со години предупредува на новите градби кои се закануваат на главната привлечност на Котор – хармонијата на градот и пејзажите.

Пред две години тоа тело на ОН се заканило со отстранување на Котор од Листата, што било знак за будење на властите на Црна Гора, па минатата година одлучила да наметнат привремен мораториум на новоградбите.

“Прашање е што понатаму. Сведочиме време во кое ќе направиме или големи промени или ќе бидеме целосно опустошени, ако избереме само бркање на профит”, вели Ана Нивес Радовиќ, шефица на месната туристичка заедница.

Црна Гора некогаш била магнет за елитното друштво, ја посетувале холивудски ѕвезди и членови на кралски семејства. Туристичката индустрија доживеала крах за време на војните кои довеле до распад на Југославија во 90-тите. Откако малата земја со само 600.000 жители прогласила независност во 2006. година, се посветила на изградба на инфраструктура.

Туризмот опстанал во текот на светската финансиска криза во 2008. година и сочинува четвртина од БДП-то на Црна Гора. Земјата годишно ја посетуваат 2 милиони луѓе, во главно во лето. За тоа време туристите вршат притисок на градовите и комуналната инфраструктура, рекол државниот секретар во Министерството за туризам, Дамир Давидовиќ за агенцијата “AFP”.

Клучниот проблем лежи во порастот на бројот на приватното сместување кое влијае на работењето на хотелите и го менува карактерот на заедницата, бидејќи голем број на мештани во лето излегуваат од своите домови за да ги изнајмуваат на туристи. Порастот на он-лајн платформите за изнајмување како “Airbnb” само го зголемиле проблемот.

Давидовиќ додава дека изнајмувачите на приватно сместување оперираат во сивата зона, односно не регистрираат ги регистрираат недвижнините за да избегнат плаќање на данок. Раде Ратковиќ, професор по туризам од Будва, вели дека неговиот град го напаѓаат “зградишта”.

Загледан во плажата во Улцињ, локалниот новинар и експерт за туризам, Мустафа Цанка, мавтал со главата, пишува “Blic.rs”.

“Сообраќај, паркирање, струја…со толку туристи тоа е напад на инфраструктурата и тоа им оди на нерви на локалните жители”, рекол Цанка додавајќи дека сепак “сите кои работат во туризам живеат за тие 45 дена”.

Сепак, цанка е загрижен за иднината.

“Сведочиме алчност и конзумеризам кои го јадат нашето подрачје, а сега и нашата иднина”, вели тој.