Осомничениот во случајот со Меди МекКен е преместен во посебна затворска ќелија поради сопствена заштита.
Кристијан Брукнер моментално издржува казна поради дрога и силување во затвор во Кил. Државниот министер за правосудство, Клаус Кристијан Клаусен, рекол дека осомничениот сега се наоѓа во посебна ќелија поради можен напад од другите затвореници.
Кристијан Брукнер, неодамна поднел барање за условно ослободување откако одлежал две третини од казната во затвор поради трговија со дрога. Неговиот адвокат рекол дека во затвор се однесувал добро.

Одлуката на судот за условната слобода се очекува на почетокот на седмицата, но државниот обвинител и затворските власти се противат на неговото ослободување.
Се оспорува и законитоста на неговата екстрадиција во Италија во 2018-та година, што довело до неговото апсење, осуда и седумгодишна казна поради силување на постара Американка во Португалија во 2005-та година.

Кристијан е главен осомничен во германската истрага за убиството и исчезнување на малата Меделин МекКен во Праја де Луз на португалскиот брег Алгавре во 2007-ма година.
Германскиот обвинител рекол дека има докази дека Меди е убиена, но не ги приложил истите.
“Сите факти кажуваат дека е почината, нема шанси да е жива”, рекол тој за “Sky News”.

Поранешната сопственичка на омилениот бар на Кристијан во Брауншвајг, Бригита Сзегеди, го повикала осомничениот да каже што знае за исчезнувањето на малата Меди.
“Сакам овој случај да се реши. Семејството на Меди мора да знае што и направил”, рекла таа.